Сеќавање
Никола Мартиноски (Крушево, 18 август 1903 - Скопје, 7 февруари 1973) бил македонски уметник и академик и една од најважните личности за развојот на македонската култура во XX век. Роден е во Крушево во 1903 година, дипломирал на Школата за убави уметности во Букурешт, Романија во 1927 како најдобар студент за таа година. Во 1927 и 1928 година престојувал во Париз каде ги посетува Академи де ла Гранд Шомјер (Académie de la Grande Chaumière) и Академи Рансон (Académie Ranson).
По враќањето во Македонија, освен воведувањето на европските модерни сликарски тенденции карактеристични за Париската школа на овие простори, тој се истакнувал и со својата општествена активност. Мартиноски е иницијатор и раководи со формирањето на Средното ликовно училиште во Скопје, Друштвото на ликовни уметници, Уметничката галерија во Скопје или денес позната како Национална галерија на Македонија, учествува во формирањето на Македонската академија на науките и уметностите, институции кои и денес се основни носечки елементи на македонскиот културен живот. Неговите уметнички дела се наоѓаат во колекциите на повеќе музеи и галерии, како и во голем број приватни колекции во земјата и во странство.
Мартиноски имал повеќе самостојни изложби пред и по војната. Првата изложба била во 1929 во Скопје, а потоа следувале изложби во Белград, Загреб, Љубљана, Париз, Дижон и во други места. Групно излагал во многу европски земји и во земјата со слики, цртежи и графики, како на пример на изложбата „Уметноста на тлото на Југославија“ во Париз во 1971 година и слично. Пред војната изработил и неколку мурали во Скопје.
*Да можете да праќате пораки под Тажната вест/Тажниот помен, или да приложите свеќа потребно е да сте најавени на веб страната. Ако немате корисничка сметка тогаш регистрирајте се бесплатно.